Претставата на Театарот за деца и младинци „Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, доби две награди на фестивалот Новосадски театарски игри во Србија. Жирито едногласно донесе одлука да ѝ додели Гран при, појаснувајќи дека „претставата е повеќеслојна во сите нејзини сегменти, и архаична и модерна и ги поседува сите потребни карактеристики за првокласна претстава”.
Наградата за најдобра анимација на кукли ја доби Матеа Јанковска, која е во улогата на Роња.
Драматург на претставата е Горјан Милошевски, а покрај Јанковска играат и Ангела Димитрова, Никола Наковски, Катарина Илиевска-Силјановска, Петар Стојанов и Мики Анчевски.
Со истата претстава, ТДМ деновиве учествува на 25. Меѓународен куклен фестивал Златна искра во Крагуевац, Србија.