Нивната поволна географска положба ги прави островите особено склони кон пренатрупаност – едноставно, нема доволно простор за бескрајните редици на туристи. Еве некои од најзагрижувачките примери на острови кои се пред уништување, од кои повеќето некогаш беа недопрени.

Фи Фи, Тајланд

Пред дваесет години, овој мал архипелаг во Андаманското Море навистина беше рај и практички непознат, што го направи идеална локација за снимање на филмот „Плажа”, со Леонардо Дикаприо во главна улога.

Денес, околу 5.000 луѓе пристигнуваат секој ден со крузери, а ситуацијата стана толку лоша, што тајландските власти неодамна објавија планови за целосно затворање на заливот Маја четири месеци ова лето (1 јуни – 30 септември), за да му дадат шанса на околниот корален гребен да закрепне.

Минатата година, 35,4 милиони луѓе ја посетија земјата, во споредба со 5,3 милиони во 1990 година.

Боракај, Филипини

Иако не е толку драматична состојбата како на Тајланд, и филипинските острови ги преплавуваат големи бранови туристи.

Ако во 1990 година бројката беше нешто повеќе од еден милион, лани таа изнесуваше 6,6 милиони. И речиси една третина од тие туристи, повеќе од два милиона, го посетија малиот остров со површина од само 3,98 квадратни километри и со само 30.000 жители: Боракај.

Списанието „Патување + задоволство“ го прогласи за најдобар остров на светот уште во 2012 година, благодарејќи на меките и бели песочни плажи.

Денес, според филипинскиот претседател Родриго Дутерте, тоа е „отпад“. Неговата изјава следеше по видеото на коешто е прикажано како канализацијата директно се слева во сините води на Боракај. Инспекторите откриле преку 800 повреди на животната средина. Сега се планираат драстични мерки, а Боракај ќе биде затворен за туристите шест месеци од 26 април.

Козумел, Мексико

Овoj простор на полуостровот Јукатан некогаш беше поспан, со само неколку стотици жители и неколку цркви. Потоа дојдоа крузерите.

Денес, тоа е најпрометното пристаниште за крстарење надвор од Флорида, со 3,6 милиони патници кои пристигнуваат годишно (речиси сите од Флорида). Ако на таа бројка се додадат и половина милион патници кои пристигнуваат на аеродромот Козумел, јасно е зошто островот е на оваа листа.

Мексико е исто така на списокот земји кадешто туризмот расте последниве години: неверојатни 39,6 милиони посети во 2017 година, а само 17,2 милиони во 1990 година.

Бали, Индонезија

Индонезија лани ја посетиле 13,7 милиони странски туристи, за разлика од 1990 година, кога дошле околу 2,2 милиони. Околу 4,5 милиони од нив биле на Бали.

До 1963 година имало само три хотели на островот, а нивниот број нагло се зголемил откако беше изграден меѓународниот аеродром во 1970 година.

Порастот на бројот на посетители придонесе за еколошките проблеми на островот. Кон крајот на минатата година, Бали прогласи „итен случај со ѓубре”, откако неколку од најпопуларните плажи беа преплавени со плима од пластичен отпад. Работниците кои беа испратени на најпрометните плажи секој ден собираа до 100 тони ѓубре.

Мајорка

Да се ​​каже дека Мајорка е расипана, не е баш фер. Планинскиот венец Сера де Трамунтана во северниот дел на островот е сé уште прекрасен. Но, со тоа што Мајорка сега прима околу 10 милиони туристи годишно, делови од островот несомнено го чувствуваат притисокот.

Спектакуларниот пат кон Са Калобра станува сообраќаен метеж на врвот на сезоната, додека главниот град Палма знае да биде блокиран кога крстосувачките бродови ги истоваруваат патниците. Дневно доаѓаат 22.000 луѓе. Главниот град беше место на антитуристички протест лани во септември, кога демонстрантите носеа пароли „Туристи, седете си дома“.