ИСКРЕНАТА ДЕТСКА РАДОСТ СКРИЕНА ВО МУДРЕЦОТ КОНДОВСКИ – ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ИЗЛОЖБАТА НА ИЛУСТРАЦИИ НА ДИМИТАР КОНДОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Магичниот свет на великанот на македонската уметност Димитар Кондовски е распослан низ Мала станица, на изложбата на негови илустрации, која се отвори како дел од второтo издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца Литера.

Илустрациите на книгите како „Зоки Поки“, „Колибата на чичо Том“ и „Белото циганче“ се дел од 200-те дела на Кондовски

„Како што ни покажува и оваа изложба на илустрации, а и како што е содржано во мисијата на овој фестивал, зборот, кој е во ср’жта на раскажувањето, создава силни и моќни слики кои се еднакви со еден нов јазик, што го надградува и збогатува она што не може зборот сам по себе да го доискаже и означи“, рече на отворањето сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска и додаде:

„Гледајќи го магичниот, надреален илустративен јазик на Кондовски, може да се види дека тој со радост и искреност на дете, скриени во мудроста и чудесната даровитост на возрасен човек, му приоѓал на книжевно-илустративниот предизвик. Тоа е голема одговорност за секој што се обидува да влезе во детската фантазија“.

„Византиско сино, злато и пурпур се бои по кои многумина денес го препознаваат творештвото на Кондовски. Но, на неговата сликарска палета имаше и многу други бои. Неговата творечка љубопитност го водеше по непознати и нови патеки во уметноста“, пишува Емил Алексиев во каталогот за изложбата.

Директорката на НГСМ Дита Старова-Ќерими и директорката на фестивалот Литера, Софија Семенпеева

Фестивалот денеска започна со работилници за деца. „Емоцијата има своја боја“ е ликовна работилница наменета за деца од 7 до 9 години, која денеска и утре во Даут пашин амам ќе ја реализираат Маја Димитрова и Моника Гошева.

Фестивалот Литера го организира Центарот за визуелна комуникација, а го помагаат Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје и „Халк банка“.

Б. НЕСТОРОСКА

Фото: К. ПОПОВ