Италијанскиот Робинзон Крусо призна дека конечно попуштил на притисокот на властите и ќе го напушти островот во Средоземното Море на кој живеел сам повеќе од 30 години.
Во 1989, сега 81-годишниот Мауро Моранди завршил на Будели, остров покрај Сардинија познат по своите розеви плажи, откако неговиот катамаран се распаднал на пат за јужниот Пацифик. Откако дознал дека дотогашниот чувар на островот планира да се пензионира, Моранди се откажал од патот, го продал бродот и ја презел неговата улога. Оттогаш, Моранди се запознал со секој камен, секое дрво и со секој животински вид на малиот остров.
Тој изјави дека ќе си замине на крајот на месецот по неколку закани за деложација од властите од националниот парк Ла Мадалена, кој управува со Будели од 2016 и сака да го претвори во центар за еколошка едукација.
„Се предадов. По 32 години, тажен сум што морам да заминам“, изјави Моранди.
Тој ќе се пресели во мал стан во близина на Ла Мадалена.
„Мојот живот нема да се промени многу. И натаму ќе гледам во морето цело време“, вели тој.