Амбасадата на Јапонија во Скопје ќе го прослави Денот на децата во Јапонија со натпревар во цртање и сликање.
По повод 30 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу Македонија и Јапонија, Амбасадата сака да ги поттикне децата да цртаат. Конкурсот е отворен за сите деца до 12-годишна возраст кои сакаат да цртаат со јаглен, креда, молив, туш и фломастер или во сликарските техники акварел, гваш, темпера, акрил, пастел, колаж и асемблаж, а димензиите на творбите не се ограничени.
Жири-комисијата составена од јапонскиот амбасадор Казуја Оцука, професорот Гоце Наневски од Факултетот за ликовни уметности во Скопје и професорката Дита Старова-Ќерими од универзитетот Американ колеџ во Скопје ќе доделат три награди, а ќе се додели и специјална награда за творбата која ќе добие најмногу лајкови на Фејсбук страницата на Амбасадата .
Творбите можат да се испратат во jpeg или png формат не поголем од 10 мегабајти на [email protected] до 18 април. Гласањето за доставените цртежи ќе трае дo 30 април.
Денот на децата е јапонски национален празник кој се прославува на 5 мај.