Денеска почнува новогодишната кампања „И јас сум Дедо Мраз“ на здружението „Проект среќа“, преку којашто децата кои живеат во сиромаштија ќе добијат подароци лично од Дедо Мраз.
„Целта ни е што повеќе луѓе, особено јавни личности кои имаат голем број следбеници на социјалните мрежи, да се приклучат кон оваа кампања, да ја промовираат и да станат дел од неа. Ги поканивме нашите пријатели од јавниот живот, од 1 до 10 декември, да купат новогодишен подарок или подароци за деца до 11 години. Ги замоливме тие убаво да бидат завиткани и на нив да стојат возраст и пол на детето. Потоа, фотографии од подароците да се објават на социјалните мрежи со хаштаг #ијассумдедомраз #проектсреќа. На тој начин, јавните личности ќе ги мотивираат сите граѓани, но и компаниите и институциите да го сторат истото. Важно е кај сите да се разбуди хуманоста токму за Нова година, кога тие деца и луѓе кои немаат се чувствуваат отфрлено“, вели Кристина Арнаудова, основач на здружението „Проект среќа.“
Таа додава дека повеќе јавни личности, пејачи, актери, спортисти и политичари, веќе го потврдиле учеството.
Подароците можат да се донираат до 18 декември, во канцелариите на Здружението на улица „Христо Смирненски“ бр. 4/5, близу Универзална сала.
На списокот има повеќе од 200 дечиња, а Дедо Мраз ќе ги посети во нивните домови од 20 до 27 декември.