„ЈОВАНЧЕ И МАРИКА“ ПРВПАТ ЌЕ СЕ ИЗВЕДЕ ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Бајката на браќата Грим, „Јованче и Марика“, за првпат се поставува во Театарот за деца и младинци (ТДМ), а премиерата е закажана за 25 декември од 19 часот.

Драматизацијата е на Дарко Ковачовски и Надја Василева, а режисер е Давор Драгојевиќ од Црна Гора. Екипата на чело со директорката Катарина Илиевска-Силјановска кажа дека првично требало да режира Ковачовски, но се откажал од здравствени причини.

Драгојевиќ, кој е директор на Фестивалот за куклен театар во Подгорица, каде што ТДМ има добиено девет награди за три претстави, вели дека се потрудиле претставата да биде и едукативна и забавна во исто време и е наменета за најмладата публика, над три години.

„Генерации и генерации растеа со оваа прекрасна бајка која ни ги покажува вистинската љубов помеѓу брат и сестра и нивната добрина и желба за среќно семејство. Најважната порака на оваа бајка е дека и во најтешките моменти треба да веруваш во себе. Дали бајка може да опстане во денешниот свет, кога на децата им се нудат најразлични содржини? Дали може да парира на современата технологија, компјутерските игри, на 3-Д анимацијата? Секако дека може и тоа токму во театарот“, вели режисерот.

Играат Илиевска-Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Драган Довлев, Ана Левајковиќ-Бошков и Ангела Димитрова. Димитрова е позната по ТВ-серијата „На терапија“ и од неодамна вработена во Театарот, па ќе дебитира со оваа улога.

Сценографијата, костимите и куклите се дело на Надја Василева, а музиката е на Љупчо Мирковски. Репризата е наредниот ден.

Б. НЕСТОРОСКА