ЈУБИЛЕЈНОТО 60. ОХРИДСКО ЛЕТО ПОЧНУВА СО КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА АНА ЛИПША-ТОФОВИЌ

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Јубилејното 60. издание на фестивалот Охридско лето почнува вечерва во Античкиот театар, со концерт посветен на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ, една од основачите на најголемата сценска манифестација во земјава.

Фестивалот годинава ќе се одржи со скратена програма и со протокол за заштита од ширење на ковид-19.

На концертот насловен како „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ солистите: Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ, ќе изведат популарни арии. Фестивалот ќе го отвори претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител.

Настаните од музичката и од драмската програма ќе се реализираат на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворје на „Св. Софија“, како и црквата „Св.Софија“. Од денес до  30 август таму ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји. Ќе има и  26 концерти од кои два се во рамки на офф-програмата. Утре почнува драмската програма, годинава со претстави само од земјава.