Канаѓанецот Макс Паро освои олимписко злато во сноубординг со „најдобрата трка во својот живот“, три години откако му беше дијагностициран рак. Паро славеше во дисциплината слоупстајл пред кинескиот тинејџер Су Јиминг и својот сонародник Марк Мекморис.
„Чувството е неверојатно. Толку нешта се случија во изминатите четири години. Последниот пат кога бев на Олимпијада освоив сребро, а потоа морав да се борам со ракот. Тоа беше ноќна мора, тешко е да се опише низ што сè поминав“, изјави Паро.
Тој се подготвувал за нова сноубордерска сезона кога забележал грутка на вратот.
„Морав да запрам со сè за да се борам. Тоа беше првпат да го ставам сноубордот во шкаф, бев како лав во кафез“, кажа 27-годишниот Паро.
Десет месеци откако беше втор во Пјонгчанг, тој дознал дека има Хоџкинов лимфом и во следните шест месеци поминал низ 12 рунди на хемотерапија. Денеска во Жангџијаку ја освои 15. титула на големите натпреварувања, со што го зацементира својот статус на легенда на спортот.
„Борбата со ракот ме промени како личност и веќе ништо не земам здраво за готово. Сега уште повеќе ценам кога секој пат ќе застанам на сноубордот“, изјави Паро.