КАРОЛИНА ГО НАПОЛНИ ОХРИДСКИОТ ПЛОШТАД ЗА НОВА ГОДИНА И ПОБАРА ЅВЕЗДЕНО НЕБО ЗА ТОШЕ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Каролина Гочева им посака среќна нова година на охриѓани и на туристите на плоштадот во Охрид. Поп-ѕвездата одбројуваше пред полноќ заедно со градоначалникот Кирил Пецаков и со водителот и актер Жанко Голабоски.

Каролина ги пееше своите најголеми хитови со бендот во центарот на градот, кој најмногу се наполни на нејзиниот настап. По полноќ, таа ја испеа „Милениум со тебе“, песна која ја сними за почетокот на новиот милениум во 2000.

„Оваа песна е една од најубавите за мене. Затоа не пропуштам да ја пеам на сите настапи“, рече Каролина за хитот на Тоше Проески, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.

Плоштадот најмногу се наполни на настапот на Каролина (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Ве молам да направиме ѕвездено небо на оваа песна за Тоше“, кажа Гочева, а публиката ги запали телефоните.

Присутните пееја заедно со неа на сите нејзини хитови.

Пред Каролина настапи Наум Петрески (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Пред Каролина, публиката ја развесели Наум Петрески со неговите фолк-хитови. Настапот го заврши со песната „Бисер балкански“, за која кажа дека е химна на Охрид.

М. ЏАРОВСКА