ЌЕ СЕ ПОСВЕТИМЕ НА СЕМЕЈСТВОТО – ХАРИ И МЕГАН ОД ДЕНЕСКА ВЕЌЕ НЕМААТ КРАЛСКИ ФУНКЦИИ

Лондон, (АП)

Принцот Хари и неговата сопруга Меган од денеска веќе немаат кралски должности, откако во јануари објавија дека се повлекуваат од британското кралско семејство. Сѐ уште не е познато кои ќе бидат нивните нови функции: светски ѕвезди, хуманитарци или глобални инфлуенсери?

Двојката деновиве се пресели од Канада во Калифорнија заедно со 10-месечното синче Арчи, далеку од семејството на Хари.

„Како што може сите да почувствуваме, светот во овој момент изгледа исклучително кршливо. Сега се најважни здравјето и добросостојбата на секој човек на планетата и да се најдат решенија за голем број прашања кои произлегоа од пандемијата. Во ова време ние се фокусираме на ново поглавје, со цел да разбереме на кој начин можеме најдобро да придонесеме“, стои во последната објава на двојката на Инстаграм, каде што оди под профилот SussexRoyal.

Хари и Меган на 9 март на кратко се вратија во Лондон, за нивните последни кралски должности со британското кралско семејство (Фото: АП)

Хари и Меган ќе ги задржат нивните титули војвода и војвотка од Сасекс, но веќе нема да бидат ословувани со Вашето кралско височество. Тие планираат да започнат непрофитна организација за нивните добротворни активности во области како ментално здравје, родова еднаквост, образование и оспособување на младите.

„Војводата и војвотката од Сасекс во наредните месеци ќе се посветат на семејството и ќе продолжат безбедно и приватно да ги поддржуваат своите досегашни хуманитарни активности и ќе развиваат своја идна непрофитна организација“, стои во нивната официјална изјава.

Нивниот портпарол изјави дека тие нема да бараат пари од САД за обезбедување и дека тоа ќе го плаќаат од приватни средства.