ПРОДАВНИЦИТЕ ЗА ОРУЖЈЕ ВО САД СМЕАТ ДА РАБОТАТ И ВО ПАНДЕМИЈАТА НА КОРОНАВИРУСОТ

Лос Анџелес, (АП)

Администрацијата на Доналд Трамп заклучи дека продавниците за оружје се „суштински бизниси“ кои треба да бидат отворени и среде пандемијата на коронавирусот.

Во изминатите недели, сојузни држави и области имаа различни толкувања за тоа дали тие треба да бидат отворени додека на милиони Американци им се советува да седат дома. Шерифот на областа Лос Анџелес, Алекс Вилануева, двапати им нареди на продавниците на неговата територија да затворат, за на крајот да попушти откако Вашингтон се огласи со федерален меморандум. Со овој документ, производителите и продавачите на огнено оружје и муниција се класифицирани како суштински инфраструктурни работници.

„Меморандумот не е обврзувачки, но има национален карактер и затоа ќе им дозволам на продавниците да работат“, изјави Вилануева.

Под притисок на најголемите лоби групи за оружје, Белата куќа ги прогласи продавачите на оружје за суштинска услужна дејност, изедначувајќи ги со дуќани за храна, аптеки и болници и затоа би требало да бидат отворени.

Продажбата на оружје во САД значително се зголеми во изминатите недели, а пред продавниците биле забележани долги редици. На 16 март, проверките на купувачите, што се смета за клучен показател, пораснале за 300% во споредба со март минатата година.