КИМ КАРДАШИЈАН И КАНЈЕ ВЕСТ СЕ РАЗВЕДУВААТ ПО СЕДУМ ГОДИНИ БРАК

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Ким Кардашијан поднесе барање за развод од раперот Канје Вест, пренесуваат американските медиуми. Двојката е во брак речиси седум години и има четири деца.

Според американските медиуми, 40-годишната ѕвезда на реалното шоу на семејството Кардашијан поднела барање за развод и за старателство врз децата. Ниту еден од нив засега јавно не коментираше.

Веста за ТМЗ ја потврдил портпарол на судот во Лос Анџелес, кој кажал дека документите биле поднесени минатиот петок.

Кардашијан постигна успех и во други области, а „Форбс“ го проценува нејзиното богатство на 780 милиони долари. Веста за разводот следи по неколкумесечни шпекулации за нивните односи. Славниот рапер лани неуспешно се кандидираше за претседател на САД и имаше доста јавни испади, по што Кардашијан кажа дека тој има биполарна болест и дека е „комплицирана, но прекрасна личност“.