Во Велес утревечер за првпат ќе има драјв ин кино или кино на отворено од автомобил. Според најавите, од 22 часот ќе се прикаже акцискиот трилер „Судир“ (Collide) со Николас Хулт, Фелисити Џонс, Ентони Хопкинс и Бен Кингсли.
Ова драјв ин кино ќе се организира на паркингот пред маркетот „Кит-го“, а претходно ќе настапи диџеј Попај. Цената на билетот е 150 денари.
„Ова е идеја на група млади ентузијасти, кои со иновативни идеи сакаат да придонесат за животот и делувањето на младите од и околу Велес“, објави младинската организација „Transparent Future“.
Тие најавија дека собраните средства од настанот ќе бидат донирани во хуманитарни цели и дека датумот на проекцијата на филмот е подложен на промена, во случај на неповолни временски услови. Задолжителни мерки за гледање на филмот се максимално две лица во автомобил и носење заштитна маска при влез и за време на проекцијата.
П. ПЕЧКОВ