Кристијано Роналдо ќе биде првиот фудбалер кој настапил на шест европски првенства откако се најде во тимот на Португалија за претстојното натпреварување во Германија. Селекторот Роберто Мартинес го вклучи 39-годишниот Роналдо меѓу 26-темина играчи на кои смета за првенството што ќе се игра од 14 јуни до 14 јули.
Роналдо остана клучен играч во тимот на Мартинес, иако по Светското првенство во Катар се појавија сомнежи дали тој ќе продолжи да игра за репрезентацијата. Мартинес не се откажа од уште постар играч од Роналдо – 41-годишниот дефанзивец Пепе.
Роналдо го одигра првиот меч во дресот на Португалија во 2003 и оттогаш забележа 205 настапи и 128 голови, со што и во двете категории е рекордер во машкиот репрезентативен фудбал. Со Португалија беше европски првак во 2016, а на дебито на европските првенства во 2004 загуби во финалето од Грција.
(Фото: АП)