КУЌАТА НА ЕЛВИС И ПРЕДМЕТИ ОД МЕРИЛИН МОНРО И ЏОН КЕНЕДИ ОДАТ НА АУКЦИЈА

Тупело, (АП)

Години пред да стане Крал на рокенролот, Елвис Присли живеел во мала куќичка на ридот до неговото основно училиште во североисточен Мисисипи, а денес, неговите обожаватели имаат можност да ги купат и куќата и имотот.

Но, тоа не е сè! Дрвената бела куќа и имотот од шест хектари се дел од аукцијата која ќе вклучува лични предмети и од други славни личности, како фустани на Мерилин Монро и капа на Мајкл Џексон.

Онлајн аукцијата ќе почне на 11 ноември. Повеќе од 150 предмети ќе се најдат во понуда, а покрај личните работи на Елвис, како розовиот кадилак од 1957 и бродот „Хаунд дог“, се наоѓаат и воената униформа на Том Хенкс од филмот „Форест Гамп“, проѕирното пијано на Витни Хјустон, чадорот со рачка во форма на папагал на Џули Ендрјус од „Мери Попинс“, радио на претседателот Кенеди и многу други.

„Овие лични работи се многу ретки и надминуваат каква било парична вредност, затоа што емоционалната врска која ги поврзува фановите со нив е преголема“, вели Бриџит Круз, сопственичката на компанијата за аукции ГВС.

Во мај годинава, авионот на Присли беше продаден за 500.000 долари, и тоа пред да биде исчистен и да се најдат моторите.