КУМАНОВСКАТА ПУБЛИКА МИ ГИ ЗНАЕ СИТЕ СЛАБОСТИ И НАЈТЕШКО Е ДА СЕ ИГРА ПРЕД НЕА, ВЕЛИ САШКО КОЦЕВ КОЈ Е ЛАУРЕАТ НА ФЕСТИВАЛОТ „ДЕНОВИ НА КОМЕДИЈА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сашко Коцев вели дека на почетокот не можел да поверува дека ја дoбил наградата за особен придонес во театарската уметност на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово. Актерот е лауреат на овој фестивал, и ја доби наградата „Васил Иљоски“, за особен придонес во театарската уметност, посебно во делот на комедијата.

„Кога ми се јавија за наградата, не бев свесен што добив. Потоа, кога се објави тоа, кога почнаа пораките и честитките, сфатив што сум добил. Не што сум добил, туку што сум направил. Но, поважно од она што сум направил досега е што ќе направам понатаму“, ни рече Коцев. Особено му е драго што наградата ја добил на свој терен, од Куманово, од местото каде што израснал и решил дека ќе стане актер.

„Во овој Дом на култура сум почнал на 10 години, ова е театар на кој сум почнал со моите факултетски денови, и ова е фестивал со кој сум растел од 1997, како актер аматер. Фестивал на кој доаѓале многу претстави и уште повеќе ме заразувале со таа театарска уметност, и уште повеќе ме инспирирале да ја работам оваа работа со бројни претстави во МНТ, во Драмски театар и во нашиот театар, кумановскиот. Посебно ја паметам претставата ‘Декамерон’ на Александар Морфов“, вели актерот.

„Како што е најтешко да се игра пред домашна публика, најтешко е да се добие награда од неа. Не дека таа не те почитува, туку таа ги знае сите твои слабости, знае каде си почнал и како си стигнал до таму. Знае повеќе за тебе од онаа публика која веќе на подготвен терен создала некакво мислење за тебе“, додава Коцев. Затоа, за него, ова е специјално признание зашто доаѓа од неговите кумановски колеги кои многу одамна го знаат и се радува што решиле на ваков начин да ја поздрават неговата работа.

„Кога ќе добијам награда ретко се радувам затоа што сум доста самокритичен како човек, а и затоа што потоа е уште потешко. Критериумот за тебе се крева уште повисоко, и потоа, кога ќе излезеш на сцена, дали на претстава или на ТВ, во филм или во стендап, очекувањата се повисоки. Секогаш ми е многу страв дали јас сето тоа ќе го оправдам. Тоа од мене бара многу работа и многу почит кон публиката“, рече актерот.

Коцев е годинешниот лауреат на филмскиот фестивал „Денови на комедија“во Куманово (Фото: СДК.МК)

За публиката на фестивалот Денови на комедијата и за публиката на Кумановскиот театар чиј член бил тој до 2006, вели дека има истенчен вкус и високи критериуми.

„Кумановската публика не сака и не почитува некого туку така. Тоа е секаде, но постои еден факт за Куманово дека особено за хумор, публиката има еден истенчен вкус“.

Минатиот месец, Коцев со колегите од МНТ имаше премиера на претставата „Хенгинг араунд“ на Бојан Трифуновски, и најаваува нова премиера во матичниот театар на есен.

„Штотуку снимивме еден филм на Косара Митиќ, на почеток на јуни ќе снимаме еден краткометражен филм, главна улога кај Бранко Костевски. И уште еден, дебитантскиот долгометражен филм на Срѓан Јанаќиевиќ, тоа е ‘Касапско оро’ кој веќе се снима, а јас снимам некаде по 15 јуни. За оваа улога верувам дека ќе ја впишам во моте драги улоги затоа што ја градевме заедно. Многу проткаени вистински ликови се во неа и верувам дека ќе вроди со плод. Исто така, во јуни сум на еден многу голем филмски фестивал, ‘Понта Лопуд’ или ‘Слано филм фестивал’, на островот Лопуд во Хрватска, на кој мастер класови одржуваат холивудски актери како Едвард Нортон. Ќе има голема дружба од цел Балкан со реномирани филмски имиња, режисери и актери и продуценти“, вели Коцев и додава оти ова е уште еден голем предизвик за него.

Актерот од крајот на минатата година е актуелен со стендап претставата „Широк дијафазон“ која ја играше во МНТ во Скопје и во уште неколку градови. Вели дека нема точна бројка колку пати ја играл, но е некаде околу 40.

„Јас сум многу среќен дека реакциите се вакви, дека продажбата е ваква, дека публиката излегува полна со енергија, полна со ентузијазам, со една весела, позитивна мисла и дека можеш нешто да ја поучиш. Јас не секогаш се трудам да бидам урнебесно смешен, се трудам  макар малку да бидам и поучен“, вели актерот. За него, не е важна точната бројка на публиката која ја посетила претставата, важно е дека дека публиката го сака стендап концептот кој тој и колегите го негуваат, а оваа претстава е направена така што може да се игра само во театарски сали или во домови на културата.

М. ЏАРОВСКА