ЛЕБРОН ЏЕЈМС ЗАСЛУЖИ ДА ГО ПОЧИТУВААТ ОТКАКО ГО ВРАТИ ЛЕЈКЕРС НА ВРВОТ ПО 10 ГОДИНИ ПАУЗА

Мајами, (АП)

Замина во Мајами и стана шампион. Потоа се врати во Кливленд и освои уште една титула. Во 2018 дојде во Лос Анџелес Лејкерс и го врати на врвот на НБА по цели десет години пауза. И со сите три екипи Леброн Џејмс беше прогласуван за најдобар играч на НБА финалето, што на никого не му успеало досега (Мајкл Џордан има рекордни шест, но сите со Чикаго Булс).

Тренерот Френк Вогел изјави дека Џејмс го зацементирал својот статус на најдобар играч што кошаркарскиот универзум го видел, откако Лејкерс го совлада Мајами со 106:93 и ја освои 17. шампионска титула, со што го израмни рекордот на Бостон Селтикс.

„Леброн е еден од најголемите лидери во спортот, не само во кошарката. Тој секогаш ја предводи групата, зборува на групните состаноци, се грижи сите да се добро и да бидат одговорни, сите ги држи на највисоко ниво“, кажа неговиот соиграч Кајл Кузма.

Џејмс ѝ се придружи на една од најславните кошаркарски франшизи кога таа преживуваше голема криза и ѝ требаше нова голема ѕвезда што ќе го замени Коби Брајант.

„За мене е неверојатно чувство да се биде дел од овој клуб. Кога дојдов овдека, ѝ реков на претседателката Џини Бас дека ќе ја вратам франшизата таму каде што припаѓа. Сакавме да ја вратиме почитта. И јас сакам да ме почитуваат“, кажа Џејмс.

Освен Џејмс, шампионски прстен со три различни клуба имаат освоено само уште неговиот актуелен соиграч Дени Грин (Сан Антонио и Торонто), Џон Сали (Детроит, Чикаго и Лејкерс) и Роберт Хори (Хјустон, Лејкерс и Сан Антонио), но тој го направи тоа со просек од 25 поени по натпревар.