Како еден од најпознатите поборници за заштита на животната средина во Холивуд, Леонардо ДиКаприо често го користи својот профил на Инстаграм за да го повика светот да се грижи за планетата. Но, изминатиов период, во коментарите доминира една тема – судбината на езеро во Сибир.
Руските екологисти го „нападнаа“ неговиот профил со пораки, некои и на кирилично писмо, барајќи од оскаровецот да ја поддржи нивната кампања за спас на Бајкалското Езеро.
Под заштита на УНЕСКО, Бајкал е најстаро и најдлабоко езеро на Земјата, а според волумен, и најголемо слатководно езеро, со површина колку Белгија и Холандија заедно. Екологистите алармираат дека езерото, познато како „Сибирски бисер“, е во опасност од загадување, развој и риболов.
„Левушка, спаси го нашиот Бајкал! Братски те молиме во име на цела Русија“, стои во една од пораките.
Во изминатите години, ДиКаприо донираше милиони долари за еколошки цели преку неговата истоимена фондација, која ја основа во 1998. Тој често говори дека климатските промени се најголем проблем на денешнината.
ДиКаприо има изјавено дека неговите покојни баба и дедо биле Руси и себеси се прокламира како полу-Русин.