МАЈКЛ ЏЕКСОН СЕДМА ГОДИНА ПО РЕД Е ПОЧИНАТА ЛИЧНОСТ КОЈА НАЈМНОГУ ЗАРАБОТУВА

Њујорк, (НМЕ)

Седма година по ред, Мајкл Џексон е прогласен за почината славна личност со најголема заработка.

Кралот на попот, кој почина во 2009 година, се најде на врвот на листата на „Форбс“ за 2019 откако неговата музика донесла приход од 46 милиони фунти во изминатите 12 месеци. И покрај излегувањето на контроверзниот документарен филм „Напуштајќи ја Недојдија“, во кој Џексон е обвинет за сексуална злоупотреба на малолетници, стримањето на неговата музика порасна во меѓувреме.

Елвис Присли, кралот на рокенролот, е на второто место со заработени 30 милиони фунти во периодот од 1 октомври 2018 до 1 октомври 2019.

Понатаму на оваа листа следуваат стрип цртачот Чарлс Шулц (29 милиони фунти), голферот Арнолд Палмер (23) и реге легендата Боб Марли (15). Најново име на листата е раперот Нипси Хасл, кој беше убиен пролетоска и оттогаш заработил осум милиони фунти, што го пласира на 10. место.