МАРАТОНИТЕ ВО ЊУЈОРК И БЕРЛИН ОТКАЖАНИ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Маратоните во Њујорк и Берлин, едни од најпрестижните на светот, оваа година се откажани поради пандемијата на коронавирусот.

Јубилејното, 50. издание на трката во Њујорк беше закажано на 1 ноември. Тоа е најголемиот маратон на светот и лани го завршија 53.640 учесници, што претставува светски рекорд.

„Откажувањето на годинашниот Њујоршки маратон е неверојатно разочарување за сите вклучени, но јасно е дека мора да ги почитуваме безбедносните и здравствените протоколи“, изјави претседателот на Асоцијацијата на њујоршките тркачи, Мајкл Капирасо.

По улиците на Берлин требаше да се трча на 27 септември, но организаторите кажаа дека „во сегашните услови на учесниците не можат да им се гарантираат радост, уживање, здравје и успех“.

Претходно овој месец, организаторите на Лондонскиот маратон изразија надеж дека тој би можел да се одржи на 4 октомври.