Денвер нагетс за првпат во својата историја стана НБА шампион откако во финалето на плеј-офот го совлада Мајами хит со вкупни 4:1. Како и во регуларниот дел на сезоната, и во плеј-офот брилијираше српскиот центар Никола Јокиќ, кој урна низа рекорди на патот до драгоцениот трофеј и заслужено беше прогласен за МВП на финалето.
Додека популарниот Џокер беше незапирлив на теренот, најгласна поддршка од трибините му беа браќата Страхиња и Немања, сопругата Наталија и ќеркичката Огњена. Никола и Наталија, која исто така е од Сомбор, се запознале во 2013, а се венчаа во 2020.
„Не само ќерката, и сопругата беше со мене од првиот ден. Тука е и брат ми, кој живее со мене. Всушност, сите живеевме заедно во еден момент и тоа беше циркус. Но, сите тие се дел од мојот живот и без нив сигурно не би бил тука“, изјави 28-годишниот Јокиќ.
И место да ја слави историската титула со целиот Денвер, Јокиќ планира уште овој викенд да се врати во Србија и родниот Сомбор.
„Парадата во Денвер е в четврток? А, не, морам да одам дома“, кажа Јокиќ по мечот.
Покрај кошарката, Јокиќ е голем вљубеник во коњите, а неговиот татко е претседател на коњичкиот клуб „Војвоѓанин“. Викендов на хиподромот во Сомбор се одржуваат трки со коњи, а најдобрите во државата потоа се борат за Пехарот на град Сомбор.
Јокиќ стигна во САД преку белградскиот клуб Мега визура, каде што и ја почна професионалната кариера. Тој имаше скромен влез во НБА лигата откако Денвер го избра како 41. пик на драфтот во 2014, а потоа се закити со три МВП трофеи.