Ринго Стар вели дека е благодарен за минатото и возбуден за иднината додека денеска го слави 80. роденден, но овојпат ќе го направи тоа онлајн поради пандемијата на коронавирусот.

Имам голем роденден, полнам 80 години. Но, оваа година ќе го прославам поинаку за разлика од изминатите 12 години, кога имавме момент на љубов и мир точно на пладне“, изјави Стар.

Тој ја почна оваа традиција во 2008 година, кога за роденденот собра 100 гости во „Хард рок“ во Чикаго. Во меѓувреме, тоа беше проширено на 27 држави, со централен настан во Холивуд. Тапанарот на „Битлс“ притоа настапуваше со свои пријатели во присуство на 100 фанови, но настанот мораше да го откаже оваа година.

Место тоа, тој ќе организира виртуелен хуманитарен концерт на Јутјуб наречен „Големото роденденско шоу на Ринго“, на кој ќе му се придружат Пол Макартни, Шерил Кроу, Џо Волш, Бен Харпер, Шајла И и Гери Кларк Џуниор.

Стар свирел во групата „Харикејнс“ кога во 1962 година добил покана да го замени Пит Бест во „Битлс“. Тој 39 години е во брак со американската актерка и модел Барбара Бах.