МИЛЧИН ЈА ПОСТАВУВА „ВАРВАРИ“ ОД ГОРКИ ВО МНТ, ИГРААТ 23 АКТЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Македонскиот народен театар започнаа првите читачки проби за претставата „Варвари“ од рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин. „Варвари“ е драма која се занимава со социјалните и моралните конфликти на почетокот на 20. век во Русија.

Претставата се одвива околу интелектуалец кој се соочува со растечките разлики помеѓу старото и новото, традицијата и модерното. Главните ликови се припадници на различни социјални класи: интелектуалци, работници и обични луѓе, кои ги претставуваат различните ставови и конфликти во тогашното руско општество.

Во претставата играат 23 актери (Фото: МНТ)
Ова дело за првпат се поставува во Македонија. Во претставата игра голема екипа од 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Jана Вељановска и Стефан Спасов.
Владимир Милчин (1947) е режисер кој работи во МНТ од почетокот на неговата кариера, бил и драматург и режисер во Драмата при МНТ во периодот од 1970 до 1982. „Варвари“ е негова 24. режија во театарот.
Фото: Владимир Милчин со актерите Александар Микиќ и Александар Михајловски