„СпејсЕкс“, компанијата на Илон Маск, во понеделникот потврди кој ќе биде неговиот прв патник околу Месечината, што, всушност, ќе биде еден многу скап уметнички проект.
Тоа ќе биде 42-годишниот јапонски милијардер Јусаку Маезава, кој се збогати преку онлајн бизнисот со мода, но тој не сака да оди сам на ова патување. Тој планира со себе да поведе шест до осум уметници од целиот свет, за да го овековечат искуството на четири-петдневната мисија, планирана за 2023 година.
Ако сè помине според план, Маезава ќе стане првиот не-Американец кој летал околу Месечината и воопшто прв човек од 1972 година.
Маезава, поранешен скејтбордер и тапанар во хард кор бенд, денес е 18. најбогат човек во Јапонија и „Форбс“ го проценува неговото богатство на 2,9 милијарди долари.
Во 1998 година, тој го почна бизнисот за нарачување цедеа и плочи „Старт тудеј“, за шест години подоцна да го прошири својот интерес и на модата со покренувањето на „Зозотаун“. Минатата година, неговиот сајт имал 7,2 милиони корисници.
Маезава не се срами да го троши своето богатство, па лани на аукција купи дело од Жан-Мишел Баскија за 110 милиони долари.
„Еден ден, додека гледав во негово дело, си помислив колку прекрасно ремек-дело ќе направеше Баскија доколку имаше можност да отиде во вселената и да ги види Месечината и Земјата одблиску“, изјави Маезава.
Тој вели дека Месечината го фасцинира од рана возраст.
„Отсекогаш сум ја сакал Месечината. Самото гледање во неа ја полнеше мојата имагинација. Таа секогаш е таму и го инспирира човештвото“, вели тој.
Маезава оваа година ќе го почне процесот на селекција на уметници кои сака да ги поведе со себе и тој ќе биде отворен за сликари, вајари, режисери, архитекти и модни дизајнери.