МИЛИОН БЕЛГИЈЦИ СЕ ОДЗВАЛЕ НА ПОВИК ЗА СПАС НА БЕБЕ И ЗА ДВА ДЕНА ГИ СОБРАЛЕ ПАРИТЕ

Антверпен, (Би-Би-Си)

Повеќе од 950.000 Белгијци одговориле на повикот на една двојка да се соберат 1,9 милиони евра за третман кој може да го спаси животот на нејзиното бебе.

Деветмесечната Пија од Антверпен има ‘рбетна мускуларна атрофија и има потреба од лекот „zolgensma“, чија употреба не е одобрена во Европа, но може да се купи во САД. Во земја со 11,4 милиони жители, потребните пари биле собрани за само два дена, со што Пија може да почне со првиот дел од третманот.

Секој десетти Белгиец придонесол. Неверојатно е како земјата се обедини за вакво нешто. Лудо е дека парите се собрани за само два дена“, изјави мајката на Пија, Елен де Мејер.

Парите биле собрани преку СМС-пораки и кампања на сајтот „GoFundMe“ и откако тие во наредните 40 дена ќе бидат префрлени на посебна банкарска сметка, Пија со семејството ќе замине на лекување во САД.

Рбетна мускуларна атрофија е генетска состојба која ги погодува нервите во ‘рбетниот столб и бебињата со најсериозен облик живеат најмногу две години. Третманот со zolgensma се покажал успешен на тестирањата на десетина деца во САД, но е премногу скап.