„АББА“ ЌЕ СЕ ВРАТИ НА СЦЕНА СО ПОМОШ НА ХОЛИВУДСКА ТЕХНОЛОГИЈА ОТКАКО ПО 40 ГОДИНИ ГИ ОБЈАВИ ПРВИТЕ НОВИ ПЕСНИ

Стокхолм, (АП)

Земавме пауза во пролет 1982 и сега решивме дека е време да ја завршиме, соопшти легендарната шведска поп група „АББА“ откако ги објави првите нови песни по пауза од 40 години, а најави и нов албум, што ќе излезе на 5 ноември.

„ABBA Voyage“ е опишан како продолжение на „The Visitors“ од 1981 година, кој се покажа како лебедова песна на шведската група, иако таа никогаш официјално не го објави својот распад.

„Велат дека е глупаво да правиш пауза од 40 години меѓу два албума, па затоа снимивме продолжение на ‘The Visitors‘“, додаде групата.

Таа креира настап во живо во соработка со студиото за специјални ефекти на Џорџ Лукас за серијата концерти што ќе почнат во Лондон на 27 мај. Членовите на групата нема да бидат на сцената, туку нивните дигитални верзии.

„Ни беше сугерирано да направиме турнеја со холограми, но тоа беше пред четири-пет години и таа технологија сега е веќе стара. Нашите виртуелни верзии изгледаат чудно и прекрасно и се повеќе од холограм. Сакавме да го направиме ова додека уште сме живи“, вели 76-годишниот гитарист Бјерн Улвеус.

Групата пеела и свирела заедно со часови секој ден со недели, при што се снимале нивните движења за да се креира 90-минутно шоу со 22 песни. Дигиталните аватари на групата на сцената ќе бидат придружувани од десетчлен бенд. Тие се направени со технологија што Холивуд ја користи за да создаде ликови како Голум во „Господар на прстените“ и разни чудовишта.

Планираното шоу го поттикна правењето на новиот албум, за кој првите сесии почнаа во 2018.

„Беше толку радосно што сите четворица сме повторно во студио. Агнета и Ани-Фрид сè уште пеат неверојатно“, кажа 74-годишниот клавијатурист Бени Андерсон.