Денеска (14 ноември) од 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот насловен „Наостри ги сетилата“ на кој како солист на усна хармоника ќе настапи Роберт Бонфиљо од САД, а диригент е Борјан Цанев.
На програмата се делата „Музичка жртва“ од Стојче Тошевски, Концерт за усна хармоника и оркестар од Вила-Лобос и „Болеро“ и „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.
Борјан Цанев е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и диригент во Филхармонијата 20 години. Добитник е на признанијата „Виртуози – најдобар музички изведувач“ и „Ѓорѓи Божиков“. Специјализирал диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон и таму ја добил наградата „Аугуст Манс“ за најдобар млад диригент.
Роберт Бонфиљо е познат по епитетот „Паганини на усната хармоника“, како што го нарече „Лос Анџелес Тајмс“. Неговиот прв албум со Камерниот оркестар „Њујорк“ со музика од композиторот Еитор Вила-Лобос доби одлични критики и го свирел повеќе од 350 пати со големи оркестри низ светот.