АНА ПЕТАНОВСКА ПО ВТОР ПАТ НА ФЕСТИВАЛОТ „БЕЛГРАДСКА ПРОЛЕТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката Ана Петановска која настапува под уметничкото име Ана Петан ќе настапи на фестивалот „Белградска пролет“ кој ќе се одржи на 24 април во салата МТС во Белград,

Младата поп-пејачка оди по втор пат на овој фестивал, откако лани ја испеа песната „Балада за ангелот“ која му ја посвети на Тоше Проески.

„Ана имаше одличен прием на ланското издание на фестивалот. Гоиднава, решивме да одиме со побрза песна која одлично ѝ прилега на вокалот“, ни рече композиторот Григор Копров кој ја напиша музиката за баладата од минатата година, и за годинешнава „Тоа љубов е“ (То љубав је). Аранжер е Стефан Петановски, братот на пејачката, а текстот го напиша Душан Бачиќ.

Копров најави и учество на Петановска на фестивалите „Мелодија на Јадранот“ во Тиват во Црна Гора, „Далматинска шансона“ во Шибеник во Хрватска и на Сплитскиот фестивал. Петановска ќе настапи на фестивалот Охрид фест- Охридски трубадури во август на сцената на Долни Сарај, а Копров најавува дека на есен ќе излезе нејзиниот прв албум.

Ана Петановска со копозиторот Копров (Фото: Фејсбук)

Иако студира психологија и тоа е нејзината вистинска идна професија, Ана Петан е една од нашите најдобри млади поп-рок пејачки. На „Златна Буба мара на популарноста“, таа доби награда за откритие на годината.

Младата поп-пејачка лани сними дует со познатиот хрватски рокер Дадо Топиќ, кој исто така ќе пее на „Белградска пролет“. На истиот фестивал ќе пее и Давид Темелков, македонскиот поп-пејач кој живее во Хрватска.

„Многу се радувам. Голема шанса за мене е да испеам песна со Дадо Топиќ, растев со неговата музика, па овој дует е голема одговорност и секако предизвик. Неизмерно сум му благодарна на Копров, кој ми ја даде шансата“, ни рече Ана Петановска.

М. ЏАРОВСКА

 

Фото: К.Попов