БЛАГОЈ НАЦОСКИ СЛАВИ 20 ГОДИНИ КАРИЕРА СО АРИИ ОД ВЕРДИ, ПУЧИНИ И РОСИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

„Вечер со Благој Нацоски: Првите 20 години“ е насловен концертот на македонскиот тенор, закажан на 4 февруари во Националната опера и балет. Гости на концертот се Наде Талевска (сопран) и Васко Здравков (баритон), пијано придружба е Јанинка Невчева, а режисер е Дејан Прошев.

Ќе бидат изведени арии од Џузепе Џордани, Жил Масне, Џоакино Росини, Џузепе Верди, Франческо Чилеа и Џакомо Пучини.

Изминатите години, Нацоски бележи големи успеси во миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо и Кина. Дебитираше во февруари 2003 во Римската опера како прв Македонец кој настапил во оваа престижна оперска куќа.

Следните негови настапи ги вклучуваат „Адријана Лекуврер“ во Катанија, „Норма“ во Џенова и „Турандот“ во Бари, како и турнеја во Јапонија и концерти во Мантова и Удине.