БРАЈАН АДАМС САМИОТ ИНСИСТИРАШЕ ДА СЕ ВРАТИ ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ БОБАН МИЛОШЕСКИ ОД „АВАЛОН“ ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА 27 АПРИЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Брајан Адамс се враќа во Македонија на негова желба, вели Бобан Милошески, сопственикот на „Авалон“, кој го организира концертот на канадскиот музичар на 27 април во салата „Јане Сандански“.

Претходниот концерт на Адамс се одржа во ноември 2019 во салата „Борис Трајковски“ (фото). Милошески ни рече дека е реткост во неговата работа музичар самиот да посака да се врати во истиот град на концерт.

„Брајан Адамс инсистирал да се врати во Скопје. Неговиот агент сам ни се јави, што е неверојатна реткост во оваа работа. Обично ние ги бркаме нив“, вели Милошески.

Претходно, од „Авалон“ најавија дека ова ќе биде интимен, акустичен концерт.

„Само Брајан Адамс на гитара, придружуван од неговиот долгогодишен пријател и пијанист Гери Брејт за 90 минути чисто емоционално и катарзично музичко искуство. Глас, гитара, пијано и чиста емоција“, рекоа од „Авалон“.

Адамс е на музичката сцена пет децении, а првиот од своите 15 студиски албуми го има објавено во 1980. Албумот „Reckless“ од 1984 го промовираше во глобална ѕвезда и овој статус успеа да го одржи до денес.

Од „Авалон“ објавија дека концертот е распродаден.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ