Гаро Тавитјан Јуниор сними нова песна заедно со легендите на екс-ју рокот Срѓан Гојковиќ-Гиле од „Електрични оргазам“, Дарко Рундек од „Хаустор“, Давор Гобац од „Психомодо поп“ и Бодан Арсовски од „Леб и сол“. Продуцент на песната „Поле на чудата“ (Поље чудеса) е неговиот брат Диран Тавитјан, а музичарите се споени под името „Култ клуб“.
„До оваа соработка дојде откако Јулије Рељиќ од ‘Хаустор’ ми се јави да гостувам на негови композиции како тапанар. Кога ја добив првата песна и почнавме да ја снимаме со Диран во ‘Тавитјан брадрс студио’, ја додефиниравме со продукциски зафат на сите инструменти и вокалисти, со што се доби една нова слика и на истата веднаш направивме и еден нов аранжман, кој ќе биде дополнително објавен како ремикс. Бидејќи оваа приказна почна спонтано пролетта во 2023, Јулије побара од нас да ги снимаме и аранжираме сите останати песни од овој албум, на кој се појавуваме и како коавтори на некои, освен како продуценти и изведувачи“, ни рече Гаро Тавитјан Јуниор.
Познатиот музичар додава дека брас секциите ги свират членовите на групата „Хаустор“. Музиката ја напиша Јулије Рељиќ, кој е автор и на аранжманот и на текстот, заедно со Срѓан Сахер. Давор Гобац е главен вокал во песната, а пее и Даворин Боговиќ. Срѓан Гојковиќ-Гиле свири гитара и пее придружни вокали, Крешимир Ковачиќ свири ритам гитара, Бодан Арсовски е на бас, а Гаро Тавитјан Јуниор на тапани.
„Јулије е познат како клавијатурист, автор и коаранжер на групата ‘Хаустор’ уште од самите почетоци во 1980-тите. Тој овој проект го нарече ‘Култ клуб Хаустор 88’. Видеото го обработи Анита Надај. Издавачката куќа ‘Кроација рекордс’ е издавач, како и ‘ЦМЦ ТВ‘ и ‘Југотон ТВ’. Овој проект има уште синглови и ќе бидат објавени во иднина. За нас беше искрен предизвик да влеземе во еден нов музички свет заедно со овие легенди кои оставија голема трага врз генерациите во рок музиката. Фасцинирани сме од нивната висока професионалност, хуманост и етика со која комуницираат. На снимањето имаше убава пријателска атмосфера која ни овозможи да создадеме добра соработка исполнета со меѓусебна почит“, вели Гаро Тавитјан Јуниор.
М. ЏАРОВСКА