БРИТАНСКИОТ БЕНД „ФИЛКИНС ДРИФТ“ ПЕШАЧЕЛ 1.400 КИЛОМЕТРИ НА ТУРНЕЈАТА ВО ВЕЛС

Лондон, (Би-Би-Си)

Двајца британски музичари го подигнаа концептот на одржлива турнеја на повисоко ниво откако пешачеле 1.400 километри со инструменти на грб. И додека Бијонсе се вози наоколу во приватен авион, бендот „Филкинс дрифт“ шеташе низ Велс и притоа одржа речиси 50 концерти.

Поминувајќи и низ две големи бури, Крис Робертс и Сет Бај денеска ја завршуваат својата 60-дневна турнеја во градот Монмаутшир. Велат дека музичката индустрија мора да го промени своето размислување за одржливоста.

„Не велиме дека сите би требало да се откажат од возење и да пешачат на сите свои настапи, но треба да се земат предвид поодржливи рути“, вели Робертс.

Тој кажа дека сфатиле колку малку работи им требаат за настап, па секој од нив носел торба од 15 килограми. Со пешачењето почнале на 3 септември и за 60 дена имале 47 свирки.

„Планирањето на турнејата беше огромна загатка зашто моравме да најдеме место за свирење на секои 20-ина километри. За среќа, речиси секое село на брегот на Велс има капела или паб или двете. Понекогаш моравме да бидеме и креативни зашто во некои места никогаш претходно немало концерт. Беше феноменално“, изјави Робертс.

(Фото: Фејсбук)