Д фестивал, едно од најголемите летни случувања во Македонија, денеска го почнува своето деветто издание на брегот на Дојранското Езеро и до недела ќе нуди целодневна музичка програма распоредена на шест бини.
Повеќе од 50 бендови, музичари и диџеи ја сочинуваат годинашната програма и меѓу нив има и големи светски имиња („Напалм дет“, „Ноизија“, Хинди Захра, Акуа Нару, Кептн Хук, Том Нови), претставници на регионалната музичка сцена („Дисциплина кичме“, Војко В), како и избор од најдоброто од домашната музика (Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, „Суперхикс“, „Фолтин“, Страјк).
Значаен дел и на годинашниот фестивал ќе биде Плоштарт, простор исполнет со едукативни, креативни и забавни содржини, трибини, перформанси, презентации, поезија, јога…
Програмата на главната бина секоја вечер ќе почнува во 21.45 часот, а денеска таму ќе настапат новата хрватска музичка атракција Војко В, домашната хип хоп ѕвезда Страјк, француското денс поп дуо „Офенбах“ и Кирил Џајковски, придружуван од британскиот пејач Лајон Ди.