ДАЛИ МАДОНА ЗНАЕ ДЕКА МАДОНА НЕ ПОЧИНАЛА? – КРАЛИЦАТА НА ПОПОТ ЈА НАПАЃААТ ЗА ПОСВЕТАТА НА АРЕТА ФРЕНКЛИН

Њујорк, (АП/Би-Би-Си)

Мадона ѝ оддаде почит на Арета Френклин на доделувањето на видео наградите на Ем-Ти-Ви во Њујорк, но притоа беше обвинета дека себеси се ставила во прв план.

Кралицата на попот излезе на сцена за да ја додели главната награда на вечерта, за спот на годината, при што одржа петминутен говор за Френклин, но тоа главно се сведе на анегдоти од нејзината сопствена кариера.

Камила Кабелјо изненадувачки ги освои наградите за уметник и за спот на годината (Фото: Ројтерс)

Мадона се присети како на една аудиција пеела песна од Френклин, но не ја сфатиле сериозно.

„И зошто би ме сфатиле? Некоја слаба бела девојка им доаѓа и им пее песна од една од најголемите пејачки што некогаш постоеле. Тие потоа не ми се јавија со недели, пред да ми кажат дека сакаат да ме носат во Париз и да ме прават ѕвезда. Останатото е историја. И сигурно се прашувате зошто ви ја раскажувам оваа приказна. Има врска. Затоа што ништо од тоа немаше да се случи, ниту би можело да се случи, без нашата кралица на соулот. Таа ме водеше кон ова што сум сега и знам дека влијаела врз многу луѓе кои се вечерва овдека. Таа ни даде моќ на сите нас и затоа, респект, да живее кралицата“, кажа Мадона.

„Дали Мадона знае дека Мадона не починала“, твитна новинарката на ЕСПН, Кејти Нолан, како и многумина, не сфаќајќи на која кралица се однесува целиот говор.

Ники Минаж славеше во категоријата најдобар хип-хоп (Фото: Ројтерс)

И тоа што Камила Кабелјо ги собра наградите за спот и за уметник на годината беа едни од изненадувањата на вечерта.

„Не ми се верува дека сум јас“, кажа 21-годишната пејачка со кубанско потекло, посветувајќи ѝ една од наградите на Мадона.

Дрејк, најуспешниот музичар за минатата година, не освои ништо, исто како и Бијонсе, Џеј-Зи, Ријана и Кендрик Ламар.