Прославениот хрватски музичар Дарко Рундек и „Суперхикс“ ќе бидат специјални гости на вечерашната концертна промоција на новиот албум на македонската етно група „Баклава“, што ќе се одржи во кино Фросина во Младински културен центар со почеток во 21 часот.
Ова следува откако Рундек и „Суперхикс“ гостуваа и на албумот „IV“, четвртото студиско издание на „Баклава“, во чие снимање учествуваа дури 18 домашни музичари, предводени од пејачката Елена Христова.
„По неколку години создавање, конечно излегува нашиот четврти албум. Богат со 13 песни, огромна екипа и различни жанрови, тој претставува вртење на сосема нова страница. Создадовме светска музика и сметаме дека ова е најдобриот албум што сме го направиле досега. Ова ремек-дело е наше дете“, соопшти групата.
На промоцијата албумот ќе може да се купи и во винилно издание.