ДИСЕЛДОРФ ГО ОТКАЖА КОНЦЕРТОТ НА ЕД ШИРАН ЗА ДА СПАСИ СТОТИНА ДРВЈА

Диселдорф, (Дојче веле)

Градските власти на Диселдорф не му одобрија на Ед Ширан да одржи голем концерт на планирана локација, бидејќи тоа би значело сечење на 104 дрвја.

Ова е голема победа за локалните конзервативни активисти, кои, како ретко кога, се здружија со Зелените и со левичарските партии за да го спречат концертот.

Околу 85.000 билети беа продадени за концертот, што требаше да се одржи на 22 и 23 јули и тимот на Ширан разочарано потврди дека настапот во Диселдорф е откажан и преместен во Гелзенкирхен.

Концертот на британската поп ѕвезда првично требаше да се одржи на аеродромот „Есен-Мулхајм“ северозападно од Диселдорф, но и таму се појавија неочекувани пречки, откако беа откриени голем број гнезда на еден загрозен вид птици, а опасност претставуваа и остатоци од бомби од Втората светска војна.

Затоа концертот беше преместен на паркингот на новиот изложбен центар во градот, но за да може да прими 80.000 луѓе, мораше да се исечат повеќе од 100 дрвја. Градоначалникот Томас Гајзел не успеа да ги убеди партиите дека место исечените дрвја, ќе засади стотици нови.