ПО 20 ГОДИНИ ВО ФРАНЦИЈА, СОПРАНОТ ЕЛЕНА ГОЛОМЕОВА ПРВПАТ НАСТАПУВА ВО РОДНИОТ ГРАД ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Сопранот Елена Голомеова, која подолго време настапува во врвните оперски куќи во Франција, по две децении ќе го има своето деби во родниот град. Таа утре ќе го отвори Штипското културно лето во големата сала на Домот на културата „Ацо Шопов“, на истата сцена на којашто во 1994 година настапи на детскиот фестивал „Весело штурче“, кога го испеа хитот „Тина Татина“.

По завршувањето на музичките школи во Македонија, Елена Голомеова се пресели во Франција, кадешто ги заврши студиите по опера во Ница и магистрираше во Париз. Со своите младешки лик и милозвучен глас, за почетокот на 33. издание на Штипското културно лето таа најавува богата програма, но не ги открива деталите за својот настап и кои арии ќе пее. Со оглед на европската оперска репутација, штипската публика очекува спектакуларно отворање.

„Ќе се потрудам програмата навистина да биде богата и уникатна. Ќе имаа арии од француски и од други композитори, а како изненадување, планирам најмалку една специјална изведба на стара македонска песна. Не откривам други детали, затоа што нема да биде изненадување“, вели Елена.

По настапот во Скопје пред неколку недели, на одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Франција, Елена престојува во родниот град и интензивно се подготвува за, како што вели, животниот настап пред своите сограѓани, прв по цели 24 години.

„Обично пред концерт се повлекувам и целосно се посветувам на пробите. Тогаш избегнувам секакви разговори“, вели Елена, додека нејзината мајка Снежана открива дека деновиве таа секојдневно е на релацијата Штип-Скопје и вежба со оркестарот на МОБ.

На Штипското културно лето, кое трае до крајот на јули, ќе има и други содржини: вечер на романтичарски и соло песни со дуетот Виолета Арсовска-Марија Максимова, настап на триото „Класико“, концерт на барокни арии, вториот интернационален фестивал на народни хорови и пејачи „Астибо фест“, со учество на повеќе држави од Европа, изложби и театарски претстави.

Т. ЈОВАНОВСКИ