ДРАМСКАТА ОПЕРА „ДЕВОЈЧЕТО СО ЖИЦИТЕ“ НА НЕЌАК ВЕЧЕРВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Девојчето со жиците“ и концертот на Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ од Казахстан се вечерва на програмата на Охридско лето.

Претставата нa композиторот и професор Марјан Неќак и нa Маја Хрговиќ, копродукциски проект на Словенско народно гледалишче-Драма Љубљана и нa Подвижниот музички театар од Битола, ќе се изведе во 21 часот на сцената на Долни Сарај.

„Девојчето со жиците“ е современа драмска опера за виолинистка, која патува со воз низ Европа. Преку патувањето се исцртува приказната за нејзиниот животе.

„’Девојчето со жиците’ е претстава за слободата, уметникот и многу други интимни теми што ги имаат сите луѓе. Секој човек може да се поистовети со самата приказна. Начинот на кој ја градевме и работевме претставата е специфичен и бара повеќе време, една поинаква концентрација и поинаква љубов. Такви се актерите од Драма Љубљана, посебно тие што ги одбрав за да ја работиме оваа претстава”, кажа Неќак на денешниот прес.

Улогите ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј. Автор на стиховите во претставата е Ана Бунтеска. Музиката, сценографијата и светлото се на Неќак.

Оркестарот од Казахстан ќе настапи со италијанските пијанисти Марко Скјаво и Серџо Маркеџани и со виолинистката Ајман Мусакајајева, под диригентство на Гудни А. Емилсон (21 часот во „Св. Софија“).

Д. ЧУБРИЌ