ДУКЕ БОЈАЏИЕВ ЌЕ ОДРЖИ КОНЦЕРТ СО НЕГОВАТА ФИЛМСКА МУЗИКА НА 7 ФЕВРУАРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дуке Бојаџиев ќе одржи концерт во Филхармонијата на 7 февруари со музичкиот проект „Кинематика“ со неговата филмска музика.

„Оваа вечер е посветена на мојата дваесетгодишна кариера како композитор на филмска музика и ќе се изведат некои од најзначајните композиции што ги создадов низ годиниве. ‘Кинематика’ е емотивно патување низ најзначајните моменти од моето филмско творештво. Оваа вечер ќе ја славиме убавината на филмската музика која допира длабоко во срцето и ја поврзува публиката преку емоции и инспирација“, вели Бојаџиев, кој долги години живееше во САД, а сега е во Португалија.

Бојаџиев, кој е син на познатиот композитор Тодор Бојаџиев, додава дека ќе настапи со поддршка од извонреден тим музичари и со свежи аранжмани.

Со него настапуваат сопранот Злата Тошевска-Димовска, Климент Тодороски на прва виолина, Милена Тодороска-Мурговски на втора виолина, Марија Димитриевиќ на виола, Енис Аљи на виолончело, Мартин Ѓаконовски-Шпато на контрабас и Павел Ренџов на тапани.

Билетите се продаваат преку мрежата на МК тикетс.

Фото: Од ланскиот концерт на Бојаџиев во Скопје што го одржа заедно со Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски (Фото: К. Попов)