ЕМОЦИИТЕ СЕ ПОСИЛНИ КОГА СЕ СВИРИ ДОМА, ВЕЛИ СИМОН ТРПЧЕСКИ, КОЈ ЌЕ ОДРЖИ НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Симон Трпчески ќе одржи новогодишен концерт на 20 декември во арената „Борис Трајковски“, објави „Прагма продукција“. Концертот е насловен „Новогодишна музичка идила со Симон и пријателите“, а Трпчески ќе свири музички класици заедно со неговите пријатели, македонски уметници.

„Од ‘Оревокршачка’, преку омилени арии и популарни дуети, па сѐ до валцери и бисери на класичната музика, ова е само дел од богатата и внимателно одбрана програма“, велат од „Прагма“.

Зборувајќи за новата средба со македонската публика, македонскиот пијанист со светски успех вели дека секогаш кога настапува на сцените низ светот дава сѐ од себе, но емоциите се посилни кога свири дома.

Билетите се продаваат преку мрежата на kupikarta.com.