ЕВРОПСКИТЕ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛИ ГО ГЛЕДААТ СПАСОТ НА СЕЗОНАТА ВО ЗАБРЗАНОТО ВАКЦИНИРАЊЕ ПРОТИВ КОВИД-19

Лондон, (НМЕ)

Иако неколку големи европски музички фестивали веќе го откажаа своето годинашно издание, некои сѐ уште се надеваат дека нивното одржување ќе биде можно ова лето. Пандемијата на коронавирусот целосно ја поништи ланската сезона, но организаторите на некои фестивали веруваат дека забрзаната вакцинација ќе овозможи настани на отворено за пет месеци.

Гластонбери во Велика Британија, Примавера во Барселона и Хелфест во Франција веќе објавија дека нема да се одржат оваа година, но Мед Кау во Мадрид сѐ уште се надева дека ќе се одржи во јули.

Очекуваме нови информации од властите за наредните неколку месеци, но дефинитивно сме во подобро расположение од минатата година. Сепак, како и остатокот од светот, и ситуацијата во Шпанија зависи од напредокот во вакцинирањето, кое засега оди доста бавно. Ако не се забрза, ќе биде тешко да се организира фестивалот“, вели Синди Кастилјо, која букира учесници за Мед Кау.

Душан Ковачевиќ, извршниот директор на Егзит во Нови Сад, се надева дека оваа година ќе можат да ја прослават 20-годишнината.

Ние сме оптимисти зашто Србија е еден од светските лидери во имунизацијата против ковид-19. До пролет, би можеле да постигнеме колективен имунитет. Не гледаме причина зошто би се забранувале музички настани. Подготвени сме оваа година да се вратиме во полн обем“, вели Ковачевиќ, додавајќи дека многу полесно ќе можат да се договорат диџеи отколку групи.

Од данскиот фестивал Роскилде велат дека се претпазливо оптимистични.

20-25% од најавените учесници наскоро би можеле да отпаднат ако не добиеме одговори од владата и појасна слика за тоа што нѐ очекува“, велат од Роскилде.

Холандија е една од ретките европски земји која објави датум за враќање на музичките настани, 1 јули, при што фестивалите ќе добијат надомест од владата ако бидат принудени да откажат.