„Ред хот чили пеперс“ настапи пред 10.000 луѓе пред големите пирамиди во Гиза, а концертот во живо беше пренесуван и на интернет.

Одржан под силни безбедносни мерки, концертот беше организиран од Министерството за туризам на Египет, во обид земјата да го поврати статусот на врвна туристичка дестинација, што го загуби по востанието во 2011 и долги години политичка нестабилност.

„На концертот имаше фанови од 67 држави“, изјави организаторот Карим Ел Чијати.

Ова беше прв меѓународен концерт на оваа древна локација по оној на грчкиот пијанист Јани во 2015 година.

Калифорниската четворка со тоа се придружи на музички имиња како „Скорпионс“, Френк Синатра и „Грејтфул дед“, кои имаа ретка можност да настапат пред едно од седумте светски чуда.

„Многу сум благодарен за ова искуство. Секогаш ме фасцинира кога имам можност да посетам ново место, да научам за нова култура и да впивам нови ритми“, изјави басистот Фли.