ГИ ЗАБОРАВАМ ТЕКСТОВИТЕ, НО НЕМАМ ДЕМЕНЦИЈА И СЕ БОРАМ ПРОТИВ ГЛУПОСТА, РЕЧЕ ЈОСИПА ЛИСАЦ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На богатиот концерт во Филхармонијата во петокот Јосипа Лисац рече дека се плаши да изговори дека нејзиниот култен албум „Дневникот на една љубов“ слави цели 50 години од издавањето. Па, и по тој повод концертот во Скопје, по пет години пауза.

Лисац со стоечки овации беше пречекана уште на почетокот на концертот. Она што обично им се случува на музичарите на крајот, публика на нозе и силен аплауз, таа го доби на почетокот.

Хрватската пејачка, која сега има 73 години, уште фасцинира со пеењето, сценските движења, шармот и интелигентниот хумор. Кај Јосипа нема преправање, пее како што се чувствува во моментот, го кажува она што ѝ е на срце, не глуми бис, не чека публиката да ѝ испее половина од песната, а тоа и не е можно. На секој следен настап, таа носи нешто ново. Ги менува аранжманите на песните и успешно импровизира.

„Никогаш себеси не сум се сфаќала здраво за готово“, кажа Јосипа Лисац. (Фото: К. Попов)

„Кога ги добивам аражманите на старите песни јас не можам да се снајдам. Здодевно е да го пееш секогаш истото. Јас секогаш сакам нешто ново, зашто ако продолжам по старо, пред мене ќе се појави еден голем прашалник, зошто?“, рече Јосипа Лисац.

За новата песна „А, каде си ти“ (A, gdje si ti) ѝ требаше потсетување за текстот, но кажа дека тоа обично не го прави.

„Знам да ги заборавам зборовите понекогаш. На пробата денеска ги заборавив и си реков: ‘Колку би сакала да ги пеам песните без текст‘. И музиката дава порака, исто како и зборовите. Немам деменција, но знам да заборавам. И одам напред“, кажа пејачката.

Неколкупати збореше на македонски и кажа дека секој аплауз кај неа буди моќни емоции.

„Пред секој концерт сум вознемирена, никогаш себеси не сум се сфаќала здраво за готово. Кога промоторите ми кажаа дека концертот е распродаден, ми олесна, се израдував. Имам трема пред секој настап, во грч сум. Што ако не биде распродаден концертот? Со годините, одговорноста е поголема“, кажа Лисац.

Неколкупати го спомна композиторот Карло Метикош, нејзиниот животен партнер, кој почина во 1991 година и оти имала среќа да ги пее неговите песни. Карло е автор на поголемиот дел од песните на албумот кој го слави 50. роденден и Јосипа вели дека го третира како посебна личност, одвоена од неа.

„Албумот има свој пат и понекогаш јас како да не му требам. Пред концертот во Дубровник го рекламираа само него на плакатите, моето име не беше ни спомнато“.

Оттаму, песната „За една младост“ (O jednoj mladosti) секогаш е посвета за Карло Метикош, а на скопскиот концерт токму таа звучеше најблиску до оргиналот. Има и зошто.

Хрватската пејачка, која сега има 73 години, уште фасцинира со нејзините пеење, сценски  движења, шарм и интелегентен хумор. (Фото: К. Попов)

Слушавме една побавна и поџез верзија на „Магла“ и порокерска „Хир, хир, хир“. Изостана „Јас боледувам“ (Ja bolujem) од фестивалот Месам во Белград во 1987 година, кога Јосипа имаше настап од нешто повеќе од осум минути и беше како минипретстава, пред своето време. Гордоста од своите иновативност и различност таа ја покажа и сега, а целиот свој пат едноставно го опиша во песната „Живеам по свое“ (Živim po svom).

„Кога имав 20 години, музичката критика ме обвини зошто пеам џез, оти сум била премлада. Се бориш, но не можеш против тупоста и глупоста“, кажа Лисац.

Концертот го организираше „Авалон“, а Јосипа кажа дека ѝ е мило што се сетиле на неа и ја повикале во Скопје.

М. ЏАРОВСКА