Легендарниот музичар Ерик Клептон вели дека го губи слухот. Пејачот, кој има 72 години за „Би-Би-Си 2“ изјави дека планира да продолжи да настапува во живо, но дека е загрижен како стареењето му влијае на тоа.
„Го губам слухот, имам тинитус, моите раце едвај завршуваат работа. Мислам, односно се надевам дека сепак луѓето ќе дојдат само за да ме видат, или можеби повеќе од љубопитност. Неверојатно е што сѐ уште сум тука“, вели тој.
Според непрофитната медицинска установа и истражувачки центар „Мејо Клиник“ тинитусот е состојба на појава на бучење или зуење во ушите и погодува еден од пет луѓе. Симптомите може да вклучуваат зуење, ѕвонење и свирење во ушите.
Клептон својот последен албум го објави во 2016 година.
Тој за својата здравствена состојба зборуваше и во интервјуто за магазинот „Ролнинг Стоун“, кое беше објавено во декември, во кое тој зборува дека имал толку лоша егзема додека го снимал албумот и дека имал чувство дека му отпаѓаат дланките од рацете.
„Тоа беше катастрофа. Морав да носам ракавици со фластери околу рацете и така да свирам“, кажа Клептон.
Клептон даде интервју за „Би-Би-Си 2“ како поддршка за новиот документарец за него. Пејачот вели дека му било тешко да гледа, но дека верува дека документарецот покажува светло на крајот од тунелот.
„Мислам дека е важно да се види дека има среќен крај, личи на концепт за искупување. Ако го гледате, подгответе се за тешко патување“, кажа Клептон.