ГОСТИ ОД ЧЕШКА, МАРОКО И КОНГО НА ЗАВРШНАТА ВЕЧЕР НА 22. ОФФ-ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дваесет и второто издание на Офф-фест се затвора денеска со целовечерна програма во Младински културен центар, каде што ќе има три концерти.

Од 20 часот е настапот на чешкиот двоец Ирена (виола да гамба) и Војтех Хавлов (виолончело), кои ги поврзува речиси 40 години заедничка уметничка соработка и партнерство.

„Со својот инвентивен и неортодоксен пристап кон историските и модерните композициски и интерпретативни техники, Хавлови развија уникатен и автономен музички јазик, кој е тешко, дури и невозможно да се дефинира“, стои во најавата на концертот, на кој ќе му претходи проекција на документарен филм за двајцата чешки музичари во кино Фросина.

Француско-мароканскиот квартет „Баб Л‘Блуз“, предводен од пејачката Јусра Мансур, ќе настапи од 22 часот и ќе го претстави традиционалниот северноафрикански блуз на нетрадиционален начин. Комбинирајќи рок, современи звуци и марокански поп со мароканските музички традиции, „Баб Л‘Блуз“ се опишува како психоделичен рок бенд.

На полноќ почнува концертот на живата легенда на конгоанската румба Дизи Манџеку со неговиот осумчлен бенд.