Денеска почнува третото издание на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“, кој ќе биде поделен на меѓународна и домашна вечер. Концертите ќе се одржуваат на малата сцена во Филхармонијата.
Денеска на програмата (од 20 часот) се настапите на „Спејс трио“ од Бугарија и „ЕЈОТ“ од Србија. Гостите од Бугарија ќе ги придружува домашниот џез музичар Дени Омерагиќ.
„ЕЈОТ“ е најавен како најреномираниот српски џез состав во изминатата деценија, а го предводи пијанистот Дејан Илијиќ.
Ветераните на македонската џез сцена „Сетстет“, чиј нов, 10. албум треба да излезе наскоро, утре ќе одбележат три децении постоење и творење со специјален настап во проширен состав. Токму затоа, тие се најавени како „Сетстет оркестар“, зашто место вообичаените петмина, на сцената ќе свират осуммина музичари.
Листата учесници ја дополнува фронтменот на „Бла, бла, бла…“, Идриз Амети, кој свири на традиционалниот балкански инструмент шаркија под уметничкото име Тока Шитет.