Триото на Тања Јанули и квартетот на Јакоб Бро ја сочинуваат програмата на вториот ден на 40. издание на Скопскиот џез фестивал.
Јанули е грчка пијанистка и композиторка, чии музика и проекти опфаќаат голем опсег на стилови. Во Скопје гостува со трубачот Андреас Полизогопулос и утистот Кирјакос Тапакис, со кои лани го сними својот последен албум.
„Нејзиниот отворен музички јазик, што им пркоси на жанровите, често се опишува како лирски, сложен, еклектичен, опоен и исклучително оригинален“, велат од Скопски џез фестивал.
Данскиот гитарист и композитор Јакоб Бро ќе го претстави својот меѓународен квартет, во кој членуваат и музичари од САД и Шпанија. Тој има објавено 15 албуми како водач на бенд.
„Успешната кариера на Јакоб Бро е резултат на неговата страст за истражување и откривање разновидни музички форми“, се вели во најавата на концертот.
Концертите во Националната опера и балет почнуваат во 20 часот, а претходно од 18 часот, во кино Фросина ќе се прикаже документарниот филм за „Блу ноут“, една од најзначајните издавачки куќи за џезот.