Грејс Џонс, една од најекстравагантните и најоригинални појави во современата поп-култура, доаѓа на 6 јули во Македонија. Седумдесет и петгодишната Џонс ќе одржи концерт на стадионот на АРМ во Градски парк во рамките на фестивалот Скопје колинг.
Организаторот „Авалон продукција“ најави дека американската музичко-модна икона со јамајканско потекло ќе одржи 90-минутен спектакл во придружба на целосен бенд.
Откако прво се пробила како манекенка, Џонс ја почнала музичката кариера во 1977, станувајќи една од најпрепознатливите личности на њујоршката диско сцена, за подоцна да ги прошири своите музички интереси кон реге, поп и фанк. Своите најуспешни албуми ги објави во 1980-тите, меѓу кои се истакнуваат „Nightclubbing“ и „Slave to the Rhythm“.
Џонс паралелно градеше и актерска кариера, па глумеше и во „Поглед на убиство“ од серијалот за Џејмс Бонд.
Од „Авалон“ кажаа дека утре (30 јануари) ќе ги објават информациите за влезниците.
(Фото: Фејсбук)