Македонските пејачи од 1990-тите се споија на заеднички концерт сношти во салата „Јане Сандански“ во Скопје, наречен „99 мегаѕвезди“. Концертот беше убаво враќање во времето кога по распадот на Југославија почна да се слуша домашната поп музика.
Водители беа Марјана Станојковска и Игор Џамабазов, кои се потсетија на времето кога заедно го водеа „Супер бинго“.
„Во тоа време и да се јавевте во пожарна немаше да ви речат ‘Ало’, туку ‘Гледам Супер бинго“, се пошегува Џамбазов.
Извлекувајќи награди од Државна лотарија, Станојковска и Џамбазов го споменаа наградното патување во Дубаи.
„Ние сме домашни инфлуенсери, што бараме во Дубаи“, рече Џамабаов во свој стил.
По долго време запеаја Маја Гроздановска-Панчева, која сега работи во хорот на Националната опера и балет и Маријан Стојаноски, кој ѝ е колега во Операта, а публиката покажа дека не ги заборавила нивните песни.
Ребека, која на крајот од 1990-тите беше пионер во поп музиката во многу нешта, од снимање модерни спотови до оригинален имиџ, пак ја запеа „Обиди се“. На видеобим одеше потсетување на помладата Ребека, а на сцената таа им порача на сите да ја кренат свеста за лицата со попреченост.
„Вие не знаете каква мака имаат семејствата кои живеат со деца со попреченот. На тие лица итно им треба дневен центар“, порача Ребека, чиј најстар син боледува од ретката болест туберна склероза.
Настапи и групата „Пис брадрс“, откривајќи дека токму Ребека ги пеела женските вокали во нивната песна „Скопските девојки“.
На сцената, по долго време ја видовме и Верица Пандиловска, која сега живее во Холандија, а Кристина Арнаудова потсети на нејзиниот хит „Прашина“. Запеаја и Ристо Самарџиев, Бени од „Нон стоп“, групата „Куку леле“, а Сара Мејс во отсуство на Ерзана ја испеа „Ноќна кралица“.
Наде Талевска, Ламбе Алабаковски, Тони Зен, Александар Тарабунов, Александар Ристовски-Принц, Мила Николовска-Ѓумар, дуото „Дис“, Ивона Јо и Дарко Гроздановски ја развеселија публиката. Настапи и Искра Трпева по долго време, која е сега професорка во средното музичко училиште, како и Андријана Јаневска и Бојана Атанасовска, некогаш најредовни на домашните фестивали, а дел од концертот беше и Златимир Аревски-Арчи.
Пред настанот, македонска музика пушташе диџеј Мац. Веселиот концерт беше повод повторно како водителско дуо да се спојат Миа Костова и Мартин Трпчески, кои го водеа популарното тинејџерско шоу „99 акција“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ